ФИЗИЧКА ЗРЕЛОСТ

Физичката зрелост е мерило за здравјето на детето, предуслов за нормален психички социјален развој. Детето мора да има постигнато одреден степен на физичка зрелост за да го поднесе напорниот ритам на образованието. Мерењето на висината, тежината, одредување на индексот на телесна маса , стоматолошкиот статус се важни земајќи ги во предвид напорите поврзани со животот во училиште –пешачење, носење на училишна чанта, долготрајно седење на што детето не е навикнато.

За успех во училиштето предуслов се правилниот равој на сетилата, особено видот и слухот, кои се утврдуваат на систематски преглед. Висината се движи во просек 117 цм., за девојчињата, односно 120 цм., за момчињата. Физичката зрелост ја утврдува лекар.

 

ИНТЕЛЕКТУАЛНА ЗРЕЛОСТ

Детето кое поаѓа во училиште многу е важно да има интелектуална зрелост , затоа што задачите кои ќе ги совладува се од интелектуална природа.

Интелектуалната зрелост опфаќа добро развиен говор, како резултат на развиени мисловни процеси, комуникација, можност да восприема и пренесува искуства и учење. Пред поаѓање во училиште детето треба да е способно да ги изрази своите мислии потреби, на начин разбирлив за средината. Децата на возраст за поаѓање во училиште говорат течно и разбирливо. Потешкотија која треба да се корегира се нејасно изговорените гласови. Децата на 6 годишна возраст имаат речник и разбираат од околу 3000 зборови, а во тек на денот користи стотина зборови. Вниманието се развива претежно ненамерно во предучилишниот живот на детето. Намерното внимание трае 15-20 мин., но тоа систематски се подобрува во тек на наставата. Пренесувањето на вниманието е потребно за следење на настата. Постојат големи разлики во однос на концентрацијата и дистрибуцијата на вниманието на децата. (примање и извршување на задача, задавање на нова задача) Од детето при поаѓање на училиште се бара помнење, кое зависи од интересите, ставот и логичките врски (раскажи ми што играш кога си дома, со кого се дружиш, што правите) . Логичкото мислење доаѓа до израз низ сваќање на односите и појавите , предвидување на тие односи врз основа на искуството. Со поаѓањето во училиште се засилува логичкото мислење и детето почнува да сваќа и апстрактни односи. (слика под,над, бои, опиши што мислиш, дека се случува).

Интелигенцијата вклучува; вербално богат речник, броење, причинско-последични односи, снаоѓање во простор,, визуелизација (замисли го и опиши ми го твојот омилен лик од цртани филмови), способност да се слуша  мелодија, боја на глас интонација и сл. детето на 6 год., е способно да разликува расположение на други лица, ги познава односите повозрасен-помлад, семејните односи). Детето треба да има графомоторна спретност-нацртај ромб, повлечи права линија, нацртај човек. Графомоториката е битна за предикција на дисграфија и дислексија.

ЕМОЦИОНАЛНА ЗРЕЛОСТ

Пред поаѓање во училиште детето треба да има постигнато одредена емоционална стабилност и самоконтрола (оддели се од родителот, другарчето, дојди тука, да не бара вода или  тоалет во разговорот). Социјалниот контакт и покажувањето се битни-седнете заедно и разгледајте ги списанијата или цртајте со боиците на листовите.

Децата со висока социјална зрелост даваат боички, играчка  но и ги бараат своите права ако долго се попречувани од друго дете. Искажувањето на емоцијата треба да е контролирано, а покажана борбеност се анализира во контекстот на ситуацијата. Емоциите се важни за социјалниот живот на детето во училиштето. во училиштето тоа ќе биде вреднувано, оценувано, изложено на пофалби и критики и треба да се види како реагира на нив по дадена информација за извршената задача. На 6 години детето треба да има толеранција на фрустрации, што ќе помогне да има истрајност во учењето. Расположението е најчесто весело и оптимистичко.

СОЦИЈАЛНА ЗРЕЛОСТ

Социјалната зрелост се манифестира низ почитување на норми на однесување кои важат и за детето и за групата во која е. Со поаѓањето детето излегува од позната семејна средина, која му е блиска и позната за да влезе во група на врсници, кои малку или воопшто не ги познава. Детето во училиштето нема привилегирана положба-сите деца се еднакви, а за своето место во новата средина мора само да се избори. Врсниците стануваат критериум за споредба, а тие јасно даваат до знаење дали го прифаќаат детето или не. Сето ова се елементи кои ја градат сликата на детето за себе и неговото самопочитување-самодоверба. Социјалната зрелост истовремено е прилагодување на обврските, усвојување на морални-етички норми и однесување во средината. Детето развива и вештина за комуникација и соработка со врсниците и прифаќање на авторитет. Детето ужива во чувството на припадност, сака да е најдобро, сочувствува, разликува добро и лошо однесување. Може да се оддели од семејството, нема страв од тоа дека родителите нема да бидат дома , може самостојно да се облече, мие раце и сл.

Развојот на детската самостојност најмногу завии од односот на родителите кон барањата на детето и неговите активности. Ако децата во предучилишната возраст навикнале други да ги прават работите за нив ќе имаат намалена самодоверба и помал интерес за самостојна работа, решавање и исполнување на задачите. Ваквиот став негативно влијае врз прифаќањето на училишните обврски и постигањата на детето. За возраста од 6 год., карактеристични се големи индивидуални разлики во социјалната зрелост во зависност од средината од која доаѓаат.

СОРАБОТКА НA РОДИТЕЛИТЕ СО УЧИЛИШТЕТО ПОАЃАЊЕТО ВО УЧИЛИШТЕ Е НАСТАН ОД ГОЛЕМА ВАЖНОСТ ЗА ДЕТЕТО И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО

Детето во училиштето ги добива првите големи обврски, запознава нови луѓе, врсници, наставници, стекнува нови сознанија за светото оклу него, но и за самото себе.

Детето ќе биде успешно во училиште ако родителот:

  • Дава поддршка и се грижи за неговите постигања
  • Искажува јасни и позитивни очекувања за неговото учење и однесување
  • Дава можност за учество во семејниот живот и обврски
  • Развива реален поглед на способностите на детето
  • Безусловно го прифаќа и сака детето такво какво што е

 

За соработката на родителите со училиштето го нагласуваме следното:

  • Доаѓањето на родителот на разговор со наставниците и стручните соработници, детето го доживува како интерес и грижа за неговото учење, за него како личност
  • Наставникот го гледа детето на друг начин, во други ситуации отколку што тоа го прави родителот. Затоа родителот треба редовно да комуницира со наставникот, како би можел да чуе и разбере што има наставникот да каже за особините на детето, неговите навики кои ги покажува во училишната средина. Мислењето на наставникот е помош во воспитувањето на детето.

· Родителите можат активно да учествуваат во работата на училиштето, да ги понудат своите знаења, вештини, време и средства.

 

Соработката на родителите со училиштето отпочнува со поаѓањето на дето во училиште. Пожелно е ако има можности да се соработува со двата родители. Соработката на родителите со училиштето е континуирана, во тек на целата учебна година и сите години на образование. Родителите задолжително треба да присуствуваат на родителските средби, индивидуални разговори. Родителот треба да одговори на пораки и писма од училиштето. Родителот треба да се запознае со наставните содржини и методите кои се користат во наставата. На првата родителска средба родителите се запознаваат, на следните средби темите се договараат од доменот на планирање на работниот ден на детето, ефикасни методи на учење, развој на хигиенски навики, партнерство на родителите и училиштето во воспитанието на детето. На родителските средби родителите се запознаваат и развиваат соработка со родителите на другарчињата на нивното дете, вршат увид во напредокот и редовноста на ученикот и сл. Родителот кој активно се занимава со своето создава кај детето чувство на сигурност, развива заедништво, здрав натпреварувачки дух, соработка и го охрабрува детето да ги искаже своите потенцијали.

Изготвиле :

Педагошко-психолошка служба  при ОУ,, Марко Цепенков,,  -Зелениково

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *